Конкурс за најдобра новинарска статија за трговија со луѓе

Од:

Здружението на граѓани „Отворена порта“ распиша јавен повик за избор за најдобра новинарска статија на тема „Трговија со луѓе“.

Заинтересираните новинари од печатените, електронските и интернет медиумите најдоцна до 5 октомври до 24 часот имаат можност да аплицираат за наградата. Секој апликант може да поднесе една или повеќе статии објавени во периодот од 1 декември 2016 до 30 септември годинава.

Новинарските статии треба да ја обработуваат темата за трговија со луѓе и да претставуваат автентично новинарско истражување, да претставуваат синтеза од повеќе проверени извори и да бидат запазени етичките стандарди.

Еден примерок во изворниот формат и две копии треба да се достават по пошта или лично на адресата: Отворена Порта, ул.„Сава Ковачевиќ“ 1а, 1000 Скопје или по електронска пошта на: [email protected]

Најдобрите новинарски статии ќе бидат наградени со 450 евра за прва награда, 350 евра за втора награда и 250 евра за трета награда.

– Наградата има за цел да придонесе во борбата против трговијата со луѓе и да ја зголеми јавната свест во однос на овој проблем и да ја подобри идентификацијата, велат од Здружението на граѓани „Отворена порта“.