Проектот за деца со пречки во видот поддржан од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и Меѓународната фондација на Лајонс клубовите (ЛЦИФ), денес промовираше 120 учебници за основно образование (1-9 одделение), на македонски и албански јазик, адаптирани и печатени на Брајово за учениците со пречки во видот. Настанот се одржа во државното училиште за деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов” во Скопје.
Учебниците на Браево ќе бидат многу важен ресурс за децата со пречки во видот, заедно со целосно опремените пет Ресурсни центри и аудио книгите снимени претходно од страна на Проектот. Проектот го промовира Брајовото писмо меѓу лицата со пречки во видот како алатка за целосна социјална инклузија во општеството во Македонија.
“Овие учебници на Брајово писмо ќе им помогнат на учениците со оштетен вид да можат целосно да учествуваат во училишниот живот и да стекнат знаења и вештини кои се неопходни за да бидат активни и продуктивни граѓани. Преку овој нов материјал, илјадници луѓе ќе добијат пристап во свет што не им беше достапен, и јас сум горд што УСАИД е дел од оваа иницијатива.” – изјави г. Дејвид Етбери, претставник на УСАИД во Македонија. “Времето кога се бара од владата да обезбеди решенија и фондови за сè, остана во минатото. Наместо тоа, секогаш треба да бидеме во потрага по нови и иновативни можности за партнерство со граѓанскиот сектор, приватниот сектор и разните фондации за да се најдат решенија за денешните прашања.” – додаде тој.
“Двегодишниот процес на адаптирање, прегледување, печатење и лекторирање на учебниците на Брајово писмо не завршува денес. Овој процес треба да биде во тек, бидејќи наставните програми на училиштата се менуваат, како што се менуваат учебниците на видно, така и учебниците на Брајово мора да го следат истиот тренд. Ние поставивме стандард, кој се надевам дека образовните власти ќе го преземат во иднина”, рече Шпетим Латифи, директор на проектот за деца со пречки во видот.
Проектот за деца со пречки во видот се стреми кон зголемување на квалитетот и достапноста на образовните услуги за децата со пречки во видот. Проектот се фокусира на писменост преку издавање на учебници на Брајово писмо на локалните јазици и рана детекција на оштетување на видот, преку организирање на кампањи за очни прегледи за децата од претшколска возраст. Проектот има за цел да ја промовира инклузијата на лицата со пречки во видот во различни активности и да ги мотивира да станат активни застапувачи на нивните права.