Живаљевиќ: Влегов во Собранието со дозвола на советникот за безбедност на претседателот

Од:

Поранешниот советник за безбедност во српската амбасада во Скопје, Горан Живаљевиќ, ги негира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека македонските институции не му одобриле да влезе во парламентот за време на инцидентот во Собранието на 27 април.

„Моето присуство во Собранието не беше ниту тајно ниту скришно. Мојата мисија не беше ниту тајна, ниту недобронамерна, а над сè, македонските служби беа упатени во тоа“, изјавил Живаљевиќ за „Тањјуг“ за првпат обраќајќи ѝ се на јавноста по тие случувања, пренесува РТС.

Тој нагласува дека за влез во Собранието добил одобрување од советникот за безбедност на претседателот на Македонија, Синиша Алексовски.

„Тој човек знаеше за причината на моето присуство таму и за тоа беше информиран. Мојата мисија таму не беше тајна и беше добронамерна во однос на безбедноста на Македонија, во рамки на соработката што ја имаме со безбедносните служби на Македонија“, истакна Живаљевиќ.

Како што додава Живаљевиќ, во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ намерно се прескокнува инстанцата на претседател на Републиката.

„Моето пријавување за активност таа вечер, на 27 април, беше насочено на самиот кабинет на претседателот и неговиот советник за безбедност“, рекол Живаљевиќ.

ВМРО-ДПМНЕ ги негираше тврдењата на српскиот претседател Алексадар Вучиќ дека одделни македонски институции дале одобрение на српскиот дипломат Горан Живаљевиќ да влезе во парламентот за време на инцидентот во Собранието.