Околу 14 часот избувна пожар во Тетово, на депонијата во близина на силосите за жито на „Жито Полог“. Граѓаните велат дека градот е задушен во чад и непријатна смрдеа. Градоначалничката Теута Арифи, вели дека сите капацитети со кои располага се на терен, но дури за еден час ќе утврди дали може да се справи со огнената стихија.
„Побаравме веднаш од полицијата да направи истрага, а ги ангажиравме сите капацитети за да се справат со оваа ситуација. Тие за еден час ќе ме известат дали пожарот ќе може да биде ставен под контрола само со нашите капацитети или ќе треба да побараме помош. Не сакам да верувам дека ова подметнат пожар, бидејќи никој не сака да го нарушува здравјето на своите граѓани“, вели Теута Арифи за А1он.
Градоначалничката на Тетово, додава дека тие редовно патролирале и правеле увид на состојбата за време на летото со цел да не дојде до вакви ситуации. Владата од буџетот издвои средства за расчистување на депонијата, но Арифи сеуште не знае кога ќе се случи тоа.
Инаку, Тетово во 2015 беше на врвот од листата на „Гардијан“ како најзагаден град во светот.
К. Ландов