(ВИДЕО) Костов: Пет милиони евра долг во ГОБ, потребни се  нови операциони сали

Од:

Новиот директор на ГОБ  “8 Септември“,  Христијан Костов, на прес конференција информираше  во каква состојба била болницата во моментот на  неговото доаѓање.

Тој кажа дека наследил долг од околу 5 милиони евра или близу 243 милиони денари се само долгови кон фирми, а останатите долгови се за неплатена струја и останати режиски трошоци.

„ Во болницата долго време не е инвестирано, а некои делови се останати исти како во времето кога е пуштена во употреба во 1971 година, или како точно пред 46 години. Оние пари кои влегувале во болницата во последниот период, не биле соодветно користени за унапредување на условите и за создавање на достојни услови за пациентите. Најитна е интервенцијата кај операционите сали, кои со ова темпо во догледно време нема да можат да бидат функционални ако се има во предвид дека годишно во просек во ГОБ се изведуваат помеѓу 6000 до 7000 оперативни зафати“, рече Костов.

Како приоритети Костов издвои: целосно реновирање и опремување на операционите сали и реактивирање на  хелиодромот за итен транспорт на пациенти од сите локации во Македонија и во секое време. Хелиодроми би требало да има барем на уште две локации во земјава за итен транспорт со хеликоптер.

Најави отвореност и транспарентност за да не се шпекулира со ниедна ситуација во иднина кога се работи за здравствена состојба на пациентите.

На новинарско прашање за труењето во  сендвичарницата 7, Костов рече дека во ГОБ биле примени само тројца граѓани и по медицинскиот третман се пуштени на домашно лекување.