Триото „Гавровски“ и ансамблот„Копачка“ на фестивалот „Јаношикови денови“

Од:

Триото „Гавровски“ од Тетово и играорниот ансамбл „Копачка“ од Делчево го претставија македонското изворно пеење и ора на еден од најпознатите фестивали на изворен фолклор во централна Европа „Јаношикови денови“, што од трети до шести август се одржа по 55-ти пат во зимскиот центар во Терхова, Словачка.

Триото ги изведе а капела познатите староградски песни од Тетовско „Мајка Султана“, „Оздола идат мајко сејмени“ и „Море што се бели море Шар Планина“, а машката и женската група на ансамблот „Копачка“ изведоа по две ора од Делчевско.

Македонските уметници настапија на главниот концерт што се одржа синоќа во огромниот амфитеатар во Терхова пред повеќеилјадната публика. Нивниот настап го помогна Дирекцијата за заштита на културното наследство на Република Македонија и познатиот македонски клутурен деец Стојан Лековски, кој живее и делува во Словачка.

На Меѓународниот фестивал на изворен фолклор „Јаношикови денови“ во текот на четирите фестивалски денови настапија неколку стотици уметници од десетина земји. На присутната публика силен впечаток и остави машкото двогласно (полифоно) пеење од Долни Полог во изведба на триото „Гавровски“, што е на листата на УНЕСКО на светското културно наследство, како и ората на ансаблот „Копачка“, кои исто така се на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.

На фолклорниот фестивал во Терхова присуствуваше и амбасадорот на Република Македонија во Словачка Василка Попоска Треневска.