Собранието на Република Македонија попладнево со 61 гласови „за“, двајца против и ниту еден воздржан го усвои ребалансот на Буџетот за 2017 година.
На гласањето, во знак на протест, како што рече Илија Димовски, не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата зашто мнозинството не покажало демократија, почитување и инклузивност, отфралјќи ги сите поднесени амандмани.
– Ребалансот на Буџетот е првиот чекор напред кон градење подобро општество во Македонија. Предвидува сериозни ограничувања поради зголемениот јавен долг изминатите години и високите недоспеани обврски, како и поради ризиците поврзани со недозволените грешки во тековните проекти, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски непосредно пред гласањето на пратениците.
Тевдовски потсети дека ребалансот ги крати непродуктивните трошења на Владата и институциите за 122 милиона денари, а другите тековни расходи (репрезентации, економски промоции, рекламирања) за 257 милиони денари, за да се обезбедат нови политики и мерки кои ќе значат поддршка на домашните фирми и стандардот на граѓаните.
Обезбедени се средства за субвенционирање на минималната плата која според проекциите треба да се зголеми на 12.000, за поддршка на малите и средните претпријатија, на домашни гринфилд инвестиции, на туризмот, а има пари и за материјално обезбедување на стечајните работници.
Ребалансот се темели на проекција на раст на БДП од 2,2 отсто, буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари, вкупните приходи се ревидирани за 1,5 отсто надолу, односно за 2,87 милијарди денари, а социјалните придонеси согласно остварувањето се очекува до крајот на годината да имаат благ пораст во однос на иницијално буџетираните. Расходите, пак, наменети за стоки и услуги се скратени за околу две милијарди денари во однос на иницијалната проекција со Буџетот, додека договорните услуги се намалени за дури 902 милиона денара.
Капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината.
И попладнево, во рамки на последниот ден од расправата, пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата ги повторија спротивставените ставови. Според СДСМ, со ребалансот на Буџетот се намалуваат непродуктивните трошења, а капиталните инвестици се сведуваат на реална основа. ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека прекројувањето на државната каса е неразвојно, а со кратењето на капиталните проекти и средствата во образованието, здравството, полицијата, армијата,…, се обезбедуваат пари за вработувања партиски кадри и градење бегалски кампови.
Расправата почна на 1 август и траеше пет дена, колку што предвидува Деловникот.