(ВИДЕО) Заев: Со законот ја унапредивме употребата на јазиците на сите заедници

Од:

Со усвојувањето на Законот за употреба на јазиците се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Македонија. Сите одредби во законското решение се согласно членот 5 од Уставот, а пакетот законски решенија го упатуваме на усвојување во парламентот. Откако ќе биде усвоен тој ќе биде испратен на разгледување пред Венецијанската комисија, со предложените отворени прашања кои не се дел од овој закон, изјави во Охрид премиерот Зоран Заев. Тој заедно со вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика дадоа појаснувања во врска со вчера усвоеното законско решение.

Според Заев, со понудените законски решенија се затвораат одредени прашања во интерес на граѓаните.

– Отворено и транспарентно информираме за политиките на Владата, нудиме решенија и горди сме поради тоа. Владата е определена на сите граѓани да им овозможи полесно да функционирааат во секојдневниот живот и во комуникациите со институциите. Го ветивме овој закон како дел од нашиот концепт „Едно општество за сите граѓани“, кој ја има поддршката од граѓаните и сметаме дека со негово усвојување покажуваме дека нема од што да бегаме, Владата покажува дека води грижа за сите граѓани. „Македонија за сите граѓани“ е концепт во кој силно веруваме. Новата Влада се определи за политики кои ја градат Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа, истакна Заев.

Тој појасни дека јазичните политики ќе се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници.

– Особено значајно, овој закон целосно ја гарантира употребата на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локалната самоуправа. Со законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, што значи дека законот согласно ова ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе им овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик, рече тој изразувајќи уверување дека на тој начин полесно ќе се комуницира со институциите.

Премиерот нагласи дека во иднина употребата на јазиците ќе зависи исклучиво од законот, а не од тоа кој раководи со институцијата.

–  Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат останатите граѓани, а добива Република Македонија како граѓанска и демократска држава, нагласи тој.

Заменик-премиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика истакна дека со одлуката за усвојување законот за јазици Владата покажа подготвеност за придвижување на работите нанапред.

– Минатата седмица оваа Влада постигна еден важен договор за добрососедски односи со Република Бугарија. Заедно со вчерашната одлука таа демонстрира подготвеност да ги води процесите во државата во посакувана насока, рече Лика.

 

Образложувајќи ги одредбите од предлог-законот за употреба на јазиците усвоен вчера од Владата премиерот Заев уште еднаш нагласи дека понуденото законско решение за употреба на јазиците не оди надвор од границите на Уставот на државата и значи затворање на легислативниот процес околу употребата на јазиците.

Одговарајќи на прашања на новинарите во Охрид тој истакна дека Уставот на Македонија е јасен и се она што е во него е имплицирано и тука нема дилеми.

– Двојазични банкноти нема, двојазични униформи во Армијата нема, освен ако Венецијанската комисија потврди дека тоа е согласно Уставот, ние немаме предрасуди. Сето она што претставува значајно унапредување на квалитетот на животот на граѓаните од сите етнички заедници е вградено внатре, она што Уставот го пропишува и дозволува  и она што е практична потреба на граѓаните Албанци, Роми, Турци, Бошњаци, Срби, истакна тој, притоа додавајќи дека ваквото законско решение било разговарано во минатото и меѓу ДУИ и ДПМНЕ.

Претседателот на Владата уште додаде дека законското решение за јазиците е согласно и Рамковниот договор од Охрид, притоа оценувајќи дека тоа ќе овозможи употреба на јазиците во неговата конечна функција, во насока на придонес кон подобро разбирање меѓу заедниците.

– Земјите во кои заедниците се разбрале не се распаднале, итаат напред, чекорат кон добри перспективи, посакувани и за Република Македонија. Апсолутно ниту еден граѓанин нема да изгуби ништо, напротив добиваат граѓаните од помалубројните заедници, а државата како мултиетничко општество тоа го заслужува, рече тој.

Во врска со тврдењата на опозицијата дека законското решение значи употреба на албанскиот јазик во средините каде нема албанско население, премиерот истакна дека јасно се знае каде ќе биде зголемена употребата на јазиците.

– Никој не мора да учи друг јазик освен ако тоа го сака, а казните предвидени со законското решение важат само за државните институции. Законот мора да биде еднаков за сите, сите имаме исти права и обврски, рече Заев.

Во врска со официјалната употреба на јазиците во единиците на локалната самоуправа, премиерот појасни дека токму понуденото законско решение нуди уредување и на тоа прашање.

–  Македонскиот јазик и неговото кирилично писмо во општините кои се двојазични е првиот службен јазик. Вториот јазик за Струга е албанскиот јазик, во Шуто Оризари е ромскиот. Прв јазик во службена употреба е македонскиот јазик, единствен јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик, додаде тој.