Извидничкиот одред „Крсте Јон“ од Струга, поддржани од Национален младински совет на Македонија во рамки на кампањата Мрдни со прст, заедно со мештаните од село Вишни го пренаменија старото школо во нов младински центар. Внесувајќи го духот на младинскиот активизам, старите ѕидови овој пат ќе станат дел од едно ново катче за младите кои го посетуваат овој регион. Целокупната иницијатива опфати две недели но главниот настан беше на 5 август во с. Вишни.
Иницијативата започна со подготовки две недели пред главниот настан со собирање на материјали и ангажирање на волонтери и информирање на локално население со цел нивно вклучување. Извидниците имаа свој мал промотивен перформанс и во рамки на фестивалот Дримон каде ги повикаа граѓаните да им се приклучат во с. Вишни. И успеаа во тоа! Околу педесет волонтери меѓу кои и членови на извиднички одреди од Франција и Белгија помогнаа во реадаптацијата на школото кое со години беше напуштено и нефункционално. На ваков начин, не само жителите на Вишни и околината, туку и сите млади авантуристи кои се одлучиле да го посетат овој регион ќе имаат место каде можат да навратат. Настанот беше посетен од околу стотина гости кои најдоа начин да го поддржат овој подвиг и да ги поздрават вредните извидници во своите идеи кои не само нив, туку и носат корист на целата заедница.
Оваа иницијативата беше поддржана од Национален младински совет на Македонија во рамки на кампањата Мрдни со прст. Главната цел на кампањата е да се подигне јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.