Интензивно се одвива реконструкцијата на објектот на поранешниот Задружен дом во Младо Нагоричане, кој ќе се пренамени во туристичко-информативен центар.
Градоначалникот на општина Старо Нагоричане Милован Стојковски информираше дека реконструкцијата почнала во јуни.
– Го добивме тендерот од меѓуграничната соработка за туристичко-информативен центар. Објектот ќе се реновира до октомври, а до април треба внатрешно да се уреди, да се внесе ентериерот и се надеваме дека до април наредната година ќе добиеме туристичко-информативен центар, наменет не само за општината, туку и за целиот североисточен регион, изјави Стојковски.
Изградбата на овој центар се реализира во рамки на проектот „Изградба на мост на туризам-спој на заедничкото наследство“ кој го имплементира општина Старо Нагоричане во партнерство со општина Рила од Бугарија.
Посетителите од државата и од странство, преку туристичкиот центар ќе имаат можност детално да се информираат за бројните локалитети, културно-историски споменици кои се лоцирани на подрачјето на општината, меѓу кои локалитетот Кокино, манастирот Карпино, комплексот Костоперска карпа со црквите „Света Петка“ и „Свети Ѓорѓи Победоносец“, спомен-костурницата Зебрњак, средновековната црква „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце… Ќе се информираат и запознаат и со бројните места во општината кои пленат со својата недопрена природа.
Проектот се спроведува во рамки на првиот повик од Програмата за прекугранична соработка меѓу нашата држава и Република Бугарија – INTERREG и ќе трае до 27 април 2018 година. Специфична цел на проектот е зајакнување на туристичкиот потенцијал во регионот преку иницијативи за соработка, за зачувување и одржливо користење на природното и културното наследство. Општа цел на проектот е подобрување на локалната економија преку промоција и развој на туристички потенцијали во општина Старо Нагоричане.
Покрај функционирањето на туристичко-информативниот центар, преку проектот се очекува и промоција на едукативниот центар за стари занаети и работилница за изработка на сувенири.