Советот за безбедност на ОН ќе гласа за построги санкции против Северна Кореја

Од:

Советот за безбедност на ОН вечерва ќе гласа за американската предлог-резолуција за заострување на санкциите против Северна Кореја, соопштија дипломатски извори. Се работи за предложена забрана за извоз на одделни стоки, која би можела да му ги намали годишните приходи на Пјонгјанг во износ од една милијарда долари.

По едномесечните преговори, САД постигнаа договор со Кина, главниот трговски партнер и сојузник на Северна Кореја, околу мерките насочени кон зголемување на притисокот врз Пјонгјанг со цел да ги прекине своите ракетни и нуклеарни проби.

Според дипломатските извори, Кина и Русија најверојатно ќе ги поддржат предложените санкции.

Предлог резолуцијата опфаќа забрана за целокупниот извоз на јаглен, железо, олово, железна руда и оловна руда, како и риби и морски плодови.