Објавен романот „Дневникот на длабоките тајни“ на Верица Мукоска

Од:

Во издание на „Бата прес“, објавен е романот „Дневникот на длабоките тајни“ од Верица Мукоска.

Станува збор за возбудлив роман, сторија пребогата со случувања во кои родителот – Марвел, просто заборавил на своите деца, на сопругата, на љубовницата, обврските кон својата компанија и се впушта во авантури и ризични потфати, дури и со препродавање на дрога…

Младата авторка (родена 1999 година, во Вевчани), создала современа новела, чии дејствија се случуваат во Падова, под староградските ѕидови во татковината на романтичарската љубов – Италија. Со „приказна внатре во приказната“, со многубројни настани, емоции, конфликти и зближувања и со вонвременски ликови, Мукоска мајсторски ја користи и формата на дневнички записи на главните јунаци на оваа книга, братот и сестрата, кои по многу години се среќаваат во воз на пат за Брисел.

Ова е втора книга на Верица Мукоска. Првата поетска книга „Стихови од срцето на природата“ ја објави во 2009 година, на возраст од само десет години.

Првата промоција на романот „Дневникот на длабоките тајни“ ќе биде вечер, во 19 часот, во црквата „Свети Никола“ во Вевчани, на почетокот на летната културна манифестација „Вевкул 2017“, а ќе ја промовираат познатите македонски писатели и есеисти Мишо Китаноски и Петко Шипинкаровски.