Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција реагираше на „скандалозната одлука на Апелациониот суд којшто потклекна на политичкиот притисок на СДС и медиумите блиски до СЈО“.
„Судот не го издржа притисокот на СДС и не си ја исполни законската обврска судиите да одлучуваат само и само врз основа на Устав и на закон и никако поинаку. Што вели законот по однос на употреба на материјали кои што можат или не можат да бидат сметани како докази. Член 12 став 2 од законот за кривична постапка вели дека доказите прибавени на незаконит начин како и доказите произлезени од нив не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судска одлука. Нелегалното прислушување на шпиони и разузнавачи, нелегалната операција за прислушување на половина држава, политичари, бизнисмени и новинари, не може да биде озаконет, затоа што е нелегално без разлика на политичкиот притисок од СДС или од СЈО. Во американското право но и во светското казнено право нелегално стекнатите докази се нарекуваат плод на затруено дрво. Кој не верува нека ги прочита книгите за кривични постапки и казнено право од македонските професори на нашите универзитети. Кој сака да прочита повеќе нека ја прочита книгата на професорот Џошуа Дреслер од САД“, изјави Милошоски.
Според него, да се донесе одлука во која што нелегално стекнати материјали би можеле да бидат употребувани како докази во Република Македонија е нешто слично како американски суд да донесе одлука дека шпионски стекнатите докази на Џулијан Асанж и Сноуден можат да бидат користени како докази против американските претседатели, државни секретари, конгресмени или сенатори. Тоа би било скандал во САД. А, скандал е и за казненото и кривично право во Република Македонија.
„Зошто се случува ова потклекнување на Апелациониот суд и зошто е објавена одлуката без да се објави и содржината и имињата на судиите? Заради две цели. Првата цел затоа што и самите судии кои што ставиле потпис на ваква одлука многу добро го знаат членот 12 став 2 од законот за кривична постапка. Дека нелегално стекнати материјали ниту можеле ниту можат да служат како докази во било која постапка. Кои се целите на СДС на СЈО и на нивните блиски поддржувачи. Има две цели. Првата цел е да се покрие криминалот сторен од господинот Заев кој што е документиран на легален начин со ПИМ мерки. Каде што тој бара поткуп од 200.000 евра. Сакале да се стави знак равенство помеѓу него и сторениот криминал од негова страна и секој друг кој што тој го смета за политички опонент“, вели Милошоски.
Според него, втората цел на ваквите активности на СДС на СЈО и нивните блиски поддржувачи е да се дигне една димна завеса во овој период кога владата е неспособна да изгаси две депонии и десет пожари.
„Кога владата е неспособна да обезбеди 100.000 денари плата за лекарите специјалисти како што ветуваше. Кога владата е неспособна да склучи добар и наместо тоа склучува штетен договор со соседна Бугарија и истиот го држеше до последен момент во тајност. И кога владата е неспособна да најде законски основи за законски смени на директори во јавните и државни претпријатија. Па партизирањето го прави со брзање од ден во ден на незаконски начин. Тоа се целите заради кои што СЈО, СДС и до нив некои блиски судии се обидуваат на ваков начин со кршење на законите и посебно на законот за кривична постапка член 12 да носат одлуки кои што се незаконски и кои што се скандал, правен скандал од невиден размер до сега ниту во Република Македонија ниту во било која современа држава од Европска Унија или од НАТО“, изјави тој.
Според Милошоски, владеењето на правото не треба да биде жртва ниту во Македонија во однос на желбите за власт и за задржување на власта како марионетска влада на господинот Заев и покривање на неговите криминални дејства за кои што беше фатен преку пим мерки.