Тропски горештини на Балканот – црвена тревога во повеќето земји

Од:

Топлотниот бран кој што го зафати Балканот ќе трае до средината на следната недела, поради што повеќе земји издадоа предупредувања до граѓаните да внимаваат на тропските температури.

Во Србија до 10 август ќе биде многу топло со максимална температура од 35 до 39 степени, поради што надлежните препорачуваат воздржување од физички напори и престој под сенка.

Романските метеоролози прогласија црвена тревога во 12 региони каде во наредните два дена се очекува температура и до 42 степени целзиусови, додека во останатиот дел на Романија прогласена е портокалова тревога, јавува АП.

Метеоролошките служби во Хрватска соопштија дека во делови на земјата температурата веќе надминува 40 степени целзиусови. Поради исклучително топлото време нагло се зголемени интервенциите на Брзата помош, особено на брегот на Јадранското море.

И голем дел од БиХ се наоѓа под црвена тревога, а предупредувањето поради големите жештини ќе трае до 6 август.

Црногорскиот Институт за јавно здравје пак, ги советува граѓаните да го поминуваат времето во ладовина и да избегнуваат директно изложување на сончевите зраци, особено во најтоплиот период од денот.

Дури и во релативно студената Словенија е прогласена црвена тревога откако темпертурите неочекувано пораснаа речиси во целата земја, освен на крајниот северозапад.