Алармантнo – нема лек за лицата со тешка форма на хемофилија А

Од:
Здружението на граѓани со коагулопатии „Хемо вил Илинден“ информира за алармантната состојба во која се наоѓаат лицата со хемофилија во Македонија. Според нив, 60-ина лица со тешка форма на хемофилија А веќе еден месец се соочуваат со недостиг на лек (фактор за коагулација), веќе 10 дена се прекинати заштитните третмани на лицата кај кои поради сериозна здравствена состојба им е индицирано континуирано примање на лекот.
„Во моментот нема количини ниту за индикативен третман што подразбира примање лек при акутни крвавења. Десетици од пациентите се пожалија од недостиг и лежат во своите кревети поради немање лек. Во незавидна положба се и другите пациенти со лесна форма и лицата со инхибитори. Доколку оваа состојба не се среди најбргу што може, претстојниот викенд ќе биде долг и може да остави реперкусии кај некое од овие лица“, се наведува во соопштението.
Тие ги молат Министерството за здравство, Институтот за трансфузиона медицина и инволвираните фармацевтски куќи да најдат законски, правен и човечки консензус за да не се соочиме со тешки инвалидитети или човечка загуба.
„Пациентите немаат повеќе време и резервен живот, имајте разбирање, наместо предвиденото покачување и промените во програмата и на онака дефицитарниот лек, сега сме во состојба да седиме дома во болки и крвавења“, се вели во апелот.