Поранешниот светски шампион во тешка категорија, Владимир Кличко објави дека става крај на исклучително богатата и успешна боксерска кариера. Со ова Кличко ги отфрли сите можност за евентуален римеч против Британецот, Ентони Џошуа од кој беше нокаутиран на мечот одржан на стадионот „Вембли“ во Лондон.
„Освоив се за што сонував и сега сакам да ја започнам мојата втора кариера надвор од спортот. Не можев да замислам дека ќе имам толку долга и неверојатно успешна боксерска кариера. Благодарност до сите кои ми даваа поддршка, особено мојата фамилија, мојот тим и моите фанови кои ги имам во голем број“, изјави Кличко.
Четириесет и едногодишниот Украинец пред на мине во професионалниот бокс го освои златниот медал на Олимписките игри во Атланта 1996 година. Во професионалната кариера Кличко имаше 69 меча на кои забележала 64 победи, од кои дури 53 со нокаут.
Првата титула светски првак ја освои во ВБО верзијата, а потоа ги освои и шампионските појаси во верзиите на ВБА, ИБФ и ИБО. Украинецот сепак не успеа да го сруши рекордот на Џо Луис кој 25 пати успешно ја бранеше титулата, додека Кличко стигна до бројката од 23 успешни одбрани на шампионските појаси.
Сепак, Владимир Кличко кариерата ја заврши со два пораза во низа, и тоа од контроверзниот Тајсон Фјури во 2015, а потоа и од Ентони Џошуа во април оваа година.