Министерот Фазлиу се сретна со италијанскиот амбасадор Ромео

Од:

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска се сретна со амбасадорот на Италија во Република Македонија Карло Ромео.

На средбата, како што соопшти Министерството за локална самоуправа, се разговарало за приоритетите на Владата во областа на локалната самоуправа, за процесот на децентрализација, за регионален развој и за активностите и проектите кои се во тек.

Фазлиу го информирал амбасадорот Ромео со активностите на ресорното министерство и ја нагласил заложбата за продолжување на процесот на децентрализација. Според него, децентрализацијата е основен столб на демократизација на општеството и им дава дополнителна можност на општините за управување и поголема одговорност за исполнување на условите и правата на граѓаните на локално ниво.

„Во тек се проекти поддржани од ЕУ и други европски институции за подобрување на капацитетите на општините за обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните, како и активности кои се однесуваат на рамномерниот регионален развој.  Високо ценета помош која му се нуди на министерството во овој поглед, а и на граѓаните на Република Македонија во целина“, истакнал Фазлиу.

Амбасадорот Ромео истакнал дека Италија секогаш била голем поддржувач на процесот на интеграција на Македонија во евро- атлантските структури и додал оти таквата пракса ќе продолжи и во иднина. На состанокот се разговарало и за напредокот на соработката меѓу двете држави, особено во размена на искуства во областа на организацијата и функционирањето на локалната самоуправа во Република Македонија и Италија.