(ВИДЕО) Средба Заев – Пенс: Македонија може да смета на поддршката од САД за интеграцијата во НАТО

Од:

Премиерот Зоран Заев денеска во Подгорица имаше билатерална средба со потпретседателот на САД, Мајк Пенс. Американскиот потпретседател Пенс соопшти дека Република Македонија може да смета на поддршката од САД и изрази поддршка на политиките на Владата на Република Македонија, како и на заложбите на Република Македонија за членство во НАТО.

„Ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп е дека САД стои зад Република Македонија и зад регионот во определбите за интеграциите во НАТО“, пренесе потпретседателот Пенс.

Американскиот потпретседател Пенс се интересирал за реализацијата на Планот 3-6-9, при што нагласил дека е од големо значење да се обезбеди владеење на правото во Македонија.

За САД, од големо значење се демократските процеси и во делот на борбата против корупцијата, слободни медиуми, витализирање на граѓанското општество, доброто управување.

Ставот на потпретседателот Пенс е дека премиерот Заев ги води реформските и интеграциските процеси со позитивна енергија и ентузијазам што се во согласност со потребите на регионот за нова генерација лидиери ослободени од минатото, кои гледаат во иднината на своите граѓани и својата земја.

Премиерот Заев е во Подгорица придружуван од заменик претседателката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, заменик претседателот задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем Хазби Лика, министерот за надворешни работи Никола Димитров и Стево Пендаровски на  Самитот на земјите на Јадранската повелба.

Општата оценка од Самитот кој заврши предмалку е дека регионот покажува голема меѓусебна солидарност, што ја има поддршката од Соединените Американски Држави, коишто, како што пренесе и потпретседателот Пенс, стојат заедно со Република Македонија и со сите земји членки и набљудувачи на Јадранската група во стабилноста, просперитетот и евро-атлантските интеграции.