Денешното потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји ќе отвори нови перспективи за односите и соработката меѓу двете држави, констатираа министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева на средбата што се одржа по потпишување на Договорот од страна на премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.
МНР соопшти дека министрите споделиле и задоволството што Владите на двете држави во пракса покажаа дека имаат капацитет самостојно да решаваат отворени прашања, како и визија за заедничка европска и евроатлантска иднина, пример кој отвора нови перспективи за стабилен и интегриран Регион.
„Денес е историски ден. Договорот е манифестација на цврстата волја да се решаваат отворените прашања и заедно да чекориме напред, кон иднината, односно како што изјави и Европската Унија – Договорот е инспирација за целиот регион“, рече министерот Димитров истакнувајќи благодарност до вицепремирот Захариева и целиот тим.
Министерката Захариева изрази благодарност до Димитров и премиерот Заев, како и до тимовите кои работеа на Договорот, „Цврсто верувам дека ако твоите соседи не се добро, нема ни ти да бидеш добро. Договорот е прв чекор за нештата кои треба да ги градиме заедно, ефектот од овој договор допрва ќе се мери”, изјави таа и додаде дека Бугарија е подготвена да и понуди експертска помош на Македонија за реформите кои претстојат и изрази надеж дека следната година Република Македонија конечно ќе има позитивен старт во преговарачкиот процес со ЕУ.