Претседателот на Собранието, Талат Џафери оствари средба со делегација од Република Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов, која престојува во дводневна официјална посета на земјава.
Како што соопшти собраниската прес-служба, во делегацијата биле и пратениците од Народното Собрание на Република Бугарија, Џема Грозданова, претседател на Комисијата за надворешна политика, Борис Ванѓелов, претседател на Групата за пријателство со Македонија и Станислав Станов. На средбата од македонска страна, биле присутни Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата и Ејуп Алими, координатор на пратеничката група на ДУИ.
„Денешниот ден ќе биде забележан како меѓник на означување нова страница во односите меѓу двете држави, заради значајниот исчекор што двете држави го направија со заокружување на долгогодишните напори преку потпишување на Договор за пријателство, добрососедство и соработка, која ќе се интензивира во иднина, особено заради декларираната договорна поддршка на Република Бугарија да сподели сопствени искуства со Република Македонија околу членството во НАТО и ЕУ, изјавил Џафери.
Тој упатилофицијална покана до неговиот колега, претседателот на Народното Собрание на Република Бугарија, Димитар Главчев, да ја посети земјава во првата половина на 2018 година за време на Бугарското претседателство со Советот на ЕУ, со што ќе се даде нов импулс кон напорите на Република Македонија за отпочнување преговори за членство во ЕУ.
Премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, од своја страна, изразил задоволство од реализацијата на средбата и од чинот на потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, кој треба да понуди една нова перспектива во односите и да ги остави во историјата многувековните и децениски несогласувања меѓу двете држави. Тој ја нагласил консензуалната поддршка добиена од страна на сите пратеници во Народното собрание на Република Бугарија за потпишување на Договорот, со донесување на посебна Декларација. Приоритет на Република Бугарија е што поскоро зачленување на Република Македонија во НАТО и Европската Унија и нејзин просперитет и благосостојба на сите нејзини граѓани, како и зајакнување на меѓусебните врски преку подобрување на инфраструктурата на Коридорот 8 кој ги поврзува двете држави.
Соговорниците изразија заедничко уверување дека само преку отворен и искрен дијалог може да се зајакнат мостовите на заедничките заложби за натамошен континуитет на пријателските односи меѓу двете земји, лика Бугарија, се вели во соопштението.