Невиден популизам и навреда на интелегенцијата на граѓаните е однесувањето и делувањето на СДСМ Охрид. Тоа сме го кажале многупати го повторуваме и денес. Како тоа велат дека проблемот е повеќегодишен, а токму сега во очи на локални избори одлучија да го обелоденат? Или СДСМ Охрид го преспале овој период кога имало проблем со водата, или потребата за популизам е толку голема што СДСМ Охрид мора вака паушално да дејствува?, се вели во реакцијата на Општина Охрид на прес-конференцијата на СДСМ.
Според нив, добро е СДСМ Охрид да се потсети на времето кога тие го водеа Охрид и ЈП „Проаква“. „Зарем треба да ги потсетуваме дека нивните раководства во само три месеци пред избори, јануари, фебруари и март 2013, на ресторански услуги потрошиле двојно повеќе средства од потребните средства за решавање на проблемот со водоснабдувањето во село Подмоље? Ни повеќе ни помалку изеле и испиле сума од 2 милиони денари, иако охриѓани многу добро знаат зошто биле користени овие средства пред избори. И овие ли луѓе денес се дрзнале да зборуваат за калкулантски игри и неодговорно однесување?“, се наведува во реакцијата и се додава: „Ако ги прашаа граѓаните на Подмоље пред да излезат на популистичка прес конференција ќе им кажеа дека се одржа средба со претставници на Месната заедница на која присуствуваа директорот на МЈП „Проаква“ и директорот на Комуналното претпријатие од Дебрца. На средбата се разговараа повеќе решенија на проблемот кој не е во директна надлежност на Општина Охрид со оглед на тоа што со водоводот на ова населено место околу 20 години го стопанисува ЈП „Комунална хигиена“ Дебрца. Оваа средба јасно ја искажува грижата на Општина Охрид и градоначалникот Никола Бакрачески за овие граѓани“.
Според Општина Охрид, „граѓаните го препознаваат популистичкото и манипулативното однесување на СДСМ и сите знаеме дека деновиве по утврдена агенда ќе одат во населени места во Охрид со цел да предимензионираат определени комунални проблеми“. „Факт е само тоа дека во периодот на нивното владеење го унаказија Охрид за илјадници метри водоводна и канализациона мрежа со кои средства би се решиле сите проблеми од овој аспект на градот Охрид. Наместо тоа буџетските средства ги насочуваа во кафани покривајќи партиски ручеци и обезбедувајќи си високи тендерски провизии. Тоа ќе биде запишано во историјата на Охрид и граѓаните ќе го паметат како пример кој не смее да се повтори“, се вели во реакцијата.