Заев се сретна со делегација на Римокатоличката црква во Македонија

Од:

Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за образование Рената Дескоска, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и шефот на кабинет на Министерството за финансии Виктор Митевски, денеска оствари средба со делегација на Римокатоличката црква предводена од бискупот скопски и апостолски егзарх во Република Македонија Киро Стојанов.

Владината прес-служба информира дека претставниците на римокатоличката црква и бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов го поздравиле работењето на новата Влада и посакале успех во понатамошното спроведување на реформите со искрени желби за подобрување на севкупниот квалитет на живот на граѓаните во Република Македонија.

На средбата со владиниот тим се разговарало за отворените прашања и проблеми со кои се соочува Римокатоличката црква во Македонија и за можноста на нивно решавање согласно законските прописи и уредби.

Претставниците на Римокатоличката црква посочиле на проблеми поврзани со нерешени постапки заглавени во судските лавиринти кои се однесуваат на денационализација на црковно земјиште, за потребата од возобновување на светилиштата во некои населени места, за проблеми поврзани во процесот на легализација на црковни објекти, за потребата од изнаоѓање на нова локација за изградба на светилиште, како и на институционални бариери поврзани со престојот на свештени лица од странство.

Заклучено е дека ќе се изнаоѓаат решенија за овие отворени прашање согласно законските рамки. На средбата се потврдени заложбите дека идната соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Римокатоличката црква ќе се продлабочува во духот на меѓусебно почитување и заедничка работа за доброто на граѓаните од сите верски заедници во Република Македонија.