Форумот за Демократска Македонија (ФДМ),новата глобална организација на демократски ориентираните иселеници од Македонија која тврди дека не се наклонува ниту на една политичка партија, ја поддржува определбата на владата на Македонија за унапредување на односите со соседните земји и продлабочување на взаемната и регионална соработка во економската, политичката и општествената сфера.
ФДМ смета дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија е позитивен исчекор во таа насока и дека претставува вистинска можност за отворен дијалог и решавање на долгогодишни спорни прашања, и зацврстување на взаемната доверба и почитување.
ФДМ во Договорот гледа конкретен обид за стабилизирање на односите со Бугарија и во регионот воопшто, и поголемо приближување кон европските вредности и заложби за подобрување на економскиот развој и безбедноста. Тие ја поздравуваат иницијативата на Македонија и Бугарија и го поддржува билатералното потпишување на Договорот.