Поставувањето на Богдан Илиевски како член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, според премиерот Зоран Заев, е доказ дека крвавиот четврток бил добро осмислена организација со цел одземање животи.
При посетата на Заев на воената вежба на Криволак, на новинарско прашање – Како го коментирате тоа што во Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ влезе предводникот на протестите што резултираа со крвавиот упад во Собранието?“, Заев рече:
„Тоа само уште еднаш ја потврди тезата дека организацијата на крвавиот четврток, на 27 април, е навистина добро осмислена организација, со добра мотивација и со конечна цел, како што тогаш дефиниравме, одземање животи на пратеници од мнозинството. Драго ми е што тоа не се случи, но можам повторно да се вратам на таа теза што ја кажав: Нека биде поука за сите никогаш повеќе да не се повтори. А оној што нема срам од тоа што го направи, навистина нека биде на показ на јавноста за неговите активности“.
На новинарско прашање, пак, како се справува со кочниците што се инсталирани внатре во судскиот систем поради што веќе во моментот има двајца бегалци, Заев рече дека се надева оти ќе има сè помалку грешки.
„Јас верувам дека сите ние во Македонија секојдневно со своите постапки, без разлика дали се работи за одлуки на правосудството, за одлуки на Владата, на локалните власти, на парламентот, за кој било дел од властите во Македонија, стануваме позрели и потрезвени. За жал, учејќи од грешките. Јас се надевам дека грешки ќе има сè помалку затоа што во Република Македонија, како и во сите држави, ни треба независно правосудство, кое ќе одлучува исклучиво по Устав, по закон и по сопствено убедување на судиите и никако поинаку“, рече Заев.