ВМРО-ДПМНЕ: Не е точно дека новиот автопат Миладиновци – Штип ќе чини дополнителни 20 милиони евра

Од:

Неспособноста на министрите во владата на Зоран Заев уште еднаш излегува на површина. Наместо да се зафатат со работа и да продолжат со изградба на автопатите кои владата на ВМРО-ДПМНЕ ги започна и се од огромно значење за граѓаните на Република Македонија, тие се занимаваат со лажен ПР и манипулирање на јавноста ширејќи невистини пред граѓаните, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес -конференцијата на Горан Сугарески.

Според партијата, Сугарески јавно изнесува невистини дека новиот автопат Миладиновци – Штип ќе чини дополнителни 20 милиони евра, пари што наводно требало да ги платат граѓаните на Република Македонија.

„Господине Сугарески, од кои ваши партиски архиви ја извадивте оваа информација? Не туку мафтајте со некакви документи и не ги манипулирајте граѓаните  тврдејќи дека се потребни дополнителни пари за изградбата на овој автопат.Ве повикуваме и овој пат јавно да излезете пред граѓаните, ама овој пат да ја говорите вистината и да објасните што има во тој документ што денеска го изнесовте пред јавноста“, се вели во реакцијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, се работи за информација доставена до Владата во април годинава во која стои прогресот на извршените градежни работи на автопатот Миладиновци – Штип. Во истата информација стои дека се бара согласност од владата за продолжување на рокот на изградба на автопатот поради причини кои од градежна природа бараат дополнително време на изведување.

„Во информацијата за предлогот за пролонгирање на изградбата на овој автопат, стои дека изведувачот се согласува да не покренува било какви финансиски побарувања заради загуби од режиски трошоци или изгубен надомест по основ овие исклучени работи. Тоа господине Сугарески ако не се разбирате во оваа проблематика, ние ќе ви објасниме дека за секоја дополнителна работа нема да биде потрошен ниту денар државни пари за изградба на овој автопат. Јавно прашуваме од каде ви е информацијата дека потребни се дополнителни 20 милиони евра, кога изведувачите на овој проект не побарале ниту еден денар дополнителни пари за негова дореализација. Се прашуваме дали со ова имате намера фирми блиски до СДС и Заев да влезат во изградба на овие најзначајни капитални проекти за граѓаните на Република Македонија. Крајно време е господинот Сугарески да почне да работи нешто. Граѓаните од него ги очекуваат ветените 600 километри автопат, 1.000 километри локални патишта и другите лажните ветувања од време на изборите“, се додава во соопштението.