Со изградбата на шестоседната жичарница и понатаму се уништува убавината на Попова Шапка, велат активистите од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ кои вчера присуствуваа на лице место каде се извршуваат градежните работи.
Жичарницата вредна 9,4 милиони евра требаше да биде готова во 2015 година, но од страна на „Да ја спасиме Попова Шапка“ беше покрената иницијатива за стопирање на изградбата бидејќи, како што велат, со начинот на кој започнала изградбата, Шар Планина би ја изгубила природната убавина која ја поседува.
По одреден период, изградбата на жичарницата продолжила, но не по планираниот терк. Активистите од иницијативата велат дека италијанската градежна фирма „Леитнер“ која е изведувач на градежните работи на Шар Планина продолжила со градбата на жичарницата, но не по договореното со што продолжило уништувањето на планината.
Од „Леитнер“ пак, на активистите им било кажано дека при техничка грешка биле принудени да почнат со изработка и поправка на грешките и поради тоа биле принудени работите да одат во друг правец, на страна од планираните.
Од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ бараат објаснување од надлежните институции, конкретно од Општина Тетово, Комуналните инспекции, Министерството за транспорт и врски, Министерството за екологија и животна средина и Градежниот државен инспекторат да се изјаснат што точно се случува со туристичкиот центар.
Виктор Јованов