Работилница „Подобрување на здравјето на мајките и новороденчињата во балканските земји“ се одржа денеска во Скопје во организација на Канцеларија на УНФПА во Скопје.
Триесет медицински професионалци од балканските земји, соопштија од Канцеларијата на УНФПА, во следните три дена во Скопје, ќе бидат дел од работилницата.
Од УНФПА информираат дека денешната регионална работилница ја отворил министерот за здравство Арбен Таравари, кој рекол дека таа првпат се спроведува во поширокиот регион и на неа учествуваат експерти од оваа област од соседните земји и од регионот.
– Оваа обука е една од низата активности кои се спроведуваат во областа на сексуалното и репродуктивно здравје, што ќе придонесе за унапредување на севкупниот систем и ќе продуцира силен капацитет кој натаму ќе ги зајакнува локалните капацитети за спроведување на оваа метологија за унапредување на мајчиното здравје. – Како Министерство и Влада сме силно посветени за постојано подобрување на грижата за мајките, особено за оние од најранливите категории, истакнал Таравари.
Во прилог на целокупните наши заложби, посочил министерот, денес сме тука да ја покренеме иницијативата за воведување на оваа методолгија во нашите здравствени системи, а Македонија како координатор на овој проект да биде водечка сила за нејзина имплементација.
Директорката на УНФПА за земјава, Доина Болога истакнала дека со оваа регионална иницијатива, но и конкретно преку оваа работилница, здравствените работници од балканските земји ќе се здобијат со знаења и искуства како да ја подобрат состојбата во своите земји.
– Имплементацијата на оваа иницијатива на регионално ниво е тесно поврзана со стратешките интервенции на УНФПА во регионот на Источна Европа и Централна Азија кои имаат за цел да се подобри квалитетот на услугите за сексуално и репродуктивно здравје. Преку разгледување на причините за смртноста на мајките и новороденчињата, здравствените сектори ќе ги изградат своите капацитети за во иднина овие случаи да се намалат, а со тоа да се подобри и здравјето на мајките и новороденчињата, посочила Болога.
Работилницата е организирана од страна на Фондот за население на Обединетите нации, регионалната канцеларија во Истанбул и канцеларијата во Скопје, а се спроведува од страна на Источно европскиот инситут од Романија. Предавачи на работилницата се професор Гвинет Луис од Институтот за женско здравје при Лондонскиот универзитетски колеџ, Лавиниа Нану од Националниот институт за менаџмент, јавно здравје и образование за здравство од Букурешт, Михаи Хорга, Источно европски институт за репродуктивно здравје од Романија.
По завршувањето на оваа обука во Скопје, до крајот на годинава ќе следи спроведување на оваа иницијатива на национално ниво.
