Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи попладнево имаше средба со директорката за Западен Балкан во рамките на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија Џеновева Руиз Калавера, на која главна тема се реформските приоритети на Владата.
Османи пред средбата изјави дека главна тема на новата Влада се интеграциите во ЕУ, потсетувајќи притоа на вчерашната посета на еврокомесарот Јоханес Хан на Скопје и денешната средба со експертот Рајнхарт Прибе.
– Ќе разговараме за приоритетите на оваа Влада, за новата можност која што е создадена со формирањето на новата Влада и затворањето на тешката политичка и институционална криза низ која што поминавме, рече Османи и додаде дека на Калавера ќе и го презентира владиниот план за реформи, кој во јавноста, како што кажа, е наречен „Документ 369“. Ќе треба, најави вицепремиерот, да адресираме реформи во првите три месеци, фокусирајќи се на тоа што е остварливо и што може да се реализира, како и тоа што може во наредните шест, па девет месеци, почитувајќи ги циклусите на извештаи на ЕУ.
– Со директорката ќе зборуваме и во делот на апсорпциските капацитети и имплементацијата на ИПА – фондовите. Ние веќе почнавме интензивна и уште подлабока соработка со Делегацијата на ЕУ овде за да ги подобриме капацитетите на нашата структура во делот на имплементација на ИПА фондовите, меѓутоа ќе имаме можност и за понатамошна соработка за да ги подобриме евентуалните слабости коишто заеднички ќе ги констатираме, рече Османи.
Во четврток во Брисел, вицепремиерот Османи и директорката Калавера ќе копретседаваат со Комитетот за стабилизација и асоцијација, оперативно тело на Советот за стабилизација и асоцијација. Состанокот, смета Османи, исто така ќе биде дополнителен придонес во напредокот на земјата кон евроинтеграциите.
Директорката за Западен Балкан во рамките на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија Калавера изјави дека она за што се интересираат се чекорите што македонската Влада ќе ги преземе за агендата на реформи за приближување кон ЕУ.
– Од наша страна ќе разговараме за помош која ЕУ ја дава во рамките на ИПА фондовите. Се разбира дека сме длабоко заинтересирани да ја видиме вашата земја да се придвижи напред во контекст на аспирациите кои ги има кон ЕУ. Исто така ќе бидеме заинтересирани да разговараме за Акциониот план кој вашата Влада го подготвува. Заинтересирани сме да ја заживееме нашата соработка и нашата работа со вашите претставници, изјави Калавера.
