(ВИДЕО) Ристова: Уценувањето и заканите кон вработените во Пошта е кривично дело

Од:

Постојат сериозни индикации дека во случајот со неисплаќањето на регрес за годишен одмор на вработените во АД „Македонска пошта“ и вршењето притисок врз вработените да потпишат изјава дека ќе ги повлечат тужбите против компанијата се извршени две кривични дела од страна на раководството на Пошта и тоа повреда на право од работен однос и малтретирање во извршување на службата, вели за А1он адвокатката Александра Ристова која е застапник на дел од вработените во Пошта во случајот кој се води против раководството на компанијата.

-Сметаме дека ваквото уценување на вработените да потпишуваат спогодби е застрашување од најлош вид. Кога на вработен му се закануваш за работното место, тоа може да значи само едно, застрашување од највисок ранг, рече Ристова.

Во поглед на т.н. вонсудски спогодби кои менаџментот на Пошта им ги нуди на вработените, Ристова вели дека од правен аспект станува збор за документи кои всушност не преставуваат спогодба туку барање од вработените да се откажат од колективниот договор, а со тоа и од загарантираните права кои ги имаат како вработени во Македонска пошта.

– На вработените им се нудат спротивни услови на одредбите од Законот за работни односи и одредбите на колективниот договор што значи откажување од своите права на начин што управниот одбор на вработените ќе им врши исплата на регрес од по 6 илјади денари на 3 рати по 2 илјади денари секоја година наместо целосната сума на регресот која изнесува 13 илјади денари по човек годишно, вели Ристова.

Таа се согласи со ставот и мислењето на вработените во АД „Македонска пошта“ дека претседателите на синдикатите не само што не застанале во одбрана на нивните права, туку и соработувале со раководството со цел да им наштетат.

– Во конкретниов случај синдикатот не застана на страната на вработените, тие беа оставени сами на себе преку приватни тужби да ги остваруваат своите права за регрес. Исто така, во согласност со репрезентативните синдикати, на состанок со управниот одбор била донесена одлука за намалување на висината на регресот за годишен одмор, тврди Ристова.

Со помош на претседателите на синдикатите, раководството ја намалила сумата која треба да биде исплатена на вработените како регрес и покрај тоа што во членот 100 и колективниот договор од 2010 година се вели дека не се бара согласност од синдикатот за намалување на висината на регресот. Со ваквото дејствие, Генералниот директор и управниот одбор постапиле спротивно на членот 12 од Законот за работни односи кој гласи автономија во договарањето.

-Во овие сфери законодавецот го ограничува работодавачот со што тој не може со сопствени акти и дејствија да ограничува права кои на работниците им се загарантирани со Устав, договор за вработување или во конкретниов случај колективен договор, рече Ристова.

Засега во судовите низ целата држава има околу 520 активни тужби против АД „Македонска пошта“ со тендеција истите да се зголемуваат. И покрај заканите, вработените се одлучни и истрајни да опстојат во својата борба за исполнување на нивните права кои што претходно истиот работодавач им ги гарантирал со колективен договор.

-Постојат првостепени и второстепени, правосилни и извршни пресуди кои што се потврдени од сите 4 апелациони подрачја кои велат дека на вработените во пошта им следува регрес за годишен одмор и тоа во износ од 60 отсто од просечната месечна нето плата, вели Ристова.

Ваквиот став е потврден и од страна на Врховниот суд кој во 2010 година преку правно мислење донесе заклучок дека правото на регрес за годишен одмор ќе се остварува само доколку истото е загарантирано со колективен договор. Колективниот договор на Македонска пошта од 2010 година го потврдува тоа право на вработените.

Виктор Јованов