Понеповолни очекувања во преработувачката индустрија

Од:

Во преработувачката индустрија според оценките на раководителите за наредните три месеци имаат понеповолни очекувања во однос на претходниот месец, а понеповолна е и состојбата на обезбедноста на производството со порачки во мај 2017 година.

Според објавените податоци на Државниот завод за статистика, а врз основа на оценките на раководителите, залихите на готовите производи се намалени во однос на претходниот месец.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во мај 2017 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а поповолна во однос на мај 2016 година. Се очекува бројот на вработени да остане речиси ист.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во мај 2017 година изнесува 64 проценти од нормалното искористување.

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат недоволната странска побарувачка со 22,2 отсто, недоволната домашна побарувачка со 19 проценти, недостигот на квалификувана
работна сила со 18,1 отсто и неизвесното економско опкружување со 11,2 отсто.