Третото рекреативно планинско возење на велосипед низ реонот на Азот се одржа изминатиот викенд во организација на здружението „Велес Бајкинг“ од Велес, со подршка на општина Велес и општина Чашка.
Велосипедското возење „Азот 2017“ се возеше на релација од Богомила, преку Папрадиште, Чеплес, Нежилово и повторно до Богомила во должина од 38,4 километри, информира Зоран Јаневски од „Велес Бајкинг“.
Над триста велосипедисти и планинари од сите возрасти од повеќе градови од земјава тргнаа од пред ООУ „Петар Поп Арсов“ во село Богомила каде имаше и камп за учесниците.
Како што потенцира Јаневски, учесниците биле задоволни од ова велосипедско возење за кои секоја година има се’ поголем интерес од велосипедисти и планинари од целава земја.
– Целта е да се рекреираме далеку од градскиот сообраќаен метеж и да уживаме во прекрасната природа и планина. Инаку највисоката точка на оваа возење ни беше 1.450 метри надморска височина, кое е предизвик за секој велосипедист рекреативец, изјави Јаневски.
Поради дождот, продолжи Јаневски, годинава е одложена опасната маратонска велосипедска патека која била планирана за поискусните и похрабрите велосипедисти.
