Одбележан Меѓународниот ден на биолошката разновидност

Од:

Со планинарска тура до водопадите кај Долна Лешница на Шар Планина, во Македонија се одбележа Светскиот ден на биолошката разновидност.

Како што информира Македонското еколошко друштво (МЕД), во рамки на одбележувањето чија тема беше „Биолошката разновидност и одржливиот туризам“, се одржаа и предавања во основните училишта, натпревар по сликање, саем на локална храна и повеќе презентации.

Одбележувањето беше во рамки на проектот „Постигнување заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на намената на земјиштето“ спроведуван од УНЕП/ГЕФ и кофинансиран од Италијанското министерство за животна средина, копно и море. Настанот се спроведе под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија.

Според МЕД, Денот на биолошката разновидност се користи и како потсетување за негативниот притисок врз природните ресурси како шумите, шумските плодови и дивечот од една страна и неконтролираната урбанизација на Шар Планина.

Меѓународниот ден на биолошката разновидност, 22 Мај, традиционално се одбележува од 2000 година во вкупно 193 земји, членки на Конвенцијата за биолошка разновидност со цел подигнување на јавната свест за заштита на биолошка разновидност. За одбележување на овој ден, Секретаријатот на Конвенцијата развива заеднички концепт за прославување со различна тема секоја година.