Иванов се заканува со затвор за Зоран Заев

Од:

Ѓорге Иванов во интервјуто за “Винер Цајтунг“ повторно со партиските ставови и закани дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев ќе завршел во затвор.

Тој вели дека нема да го даде мандатот на Зоран Заев зошто водел перфидна игра, односно „не дозреал за улогата што му ја дале“, дека се преценил и самиот тој, а го прецениле и тие што му дале да игра таква улога и дека во политиката треба да има дијалог и компромис, а тој не сакал да разговара.

– Која и да е коалиција создадена под уцена е нестабилна. Уставот се менува со двотретинско мнозинство. Но Заев ќе настојува да се донесат тие закони во Парламентот, за јас да ставам вето на нив, а Уставниот суд да покрене иницијатива и да ги поништи тие закони. Тоа ќе го прави Заев за после да ме обвини мене дека сум антиалбанец, вели Иванов.

Според Иванов, Заев сака само да дојде на власт.

– Но, тој ги изгуби изборите во декември. Јас сметам дека тој не знае во каква игра се вмешал. Тој беше заслепен од желбата да дојде на власт. Сега се наоѓа во деликатна ситуација. Доколку не успее да дојде на власт, би можел да заврши в затвор, вели Иванов.

– Јас не се заканувам. Македонските институции во даден момент ќе постапат против него, ќе ги истражуваат сите околности. На пример, интересно ќе биде прашањето кој му ги доставил прислушуваните разговори, додава Иванов.

Според Иванов, нови парламентарни избори се една од опциите за излез од кризата.

– На крајот ќе има избори, кога тогаш. Тоа секогаш е така во демократијата. Кога има блокада, секогаш се завршува со избори. Но, сега, на тие што го создадоа Заев, не им одговараат избори, бидејќи вложија многу пари, многу авторитет во него, и треба да го сочуваат образот. Тие се свесни дека ова е промашена инвестиција. Бидејќи со платформата што ја прифати Заев секој ден довербата му опаѓа, вели Иванов во интервјуто за „Винер Цајтунг“.