Луан Старова одликуван со орден Офицер од редот на Легијата на честа

Од:

Францускиот амбасадор Кристиан Tимоние, во име на претседателот на Република Франција, го одликува Луан Старова со орден Офицер од редот на Легијата на честа.

Како што соопшти Амбасадата на Франција во Скопје, академик и писател, универзитетски професор по француска и компаративна книжевност и прв амбасадор на Република Македонија во Париз, Луан Старова го добива ова значајно француско одликување за неговиот голем придонес во развојот на односите помеѓу двете земји.

– Амбасадорот Старова одржува блиски контакти со многу писатели, поети и француски мислители на нашето време, како Едгар Морен, Морис Дрион, Робер Мале, Анри Мешоник, Андре Френо и други, придонесувајќи на тој начин за подобро да се разбере регионот на Балканот во клучните години од последната деценија на 20-от век, стои во соопштението.

Во говорот по повод доделувањето на ова највисоко француско признание амбасадорот Кристиан Тимоние се осврна на дипломатската активност на Старова во Париз, на неговото творење на двата јазика – македонскиот и албанскиот јазик и значењето на неговите дела во младата и плодна книжевност во Македонија.

– Деновиве, кога прашањето за статусот на двата јазика отвора нови дебати, може ли оваа не-ексклузивна употреба и искуство на збогатување преку разноликоста да ги поттикнат на размислување националните идеолози. Да настојуваме како и вие да градиме мостови а да не правиме процепи. Да го охрабриме запознавањето на другиот наместо да се затвориме во една заедница. Писател, професор и дипломат, останувате модел на преносител на граници, идеи и епохи. Вашата приврзаност кон Франција никогаш не ослабнала и продолжува длабоко да не трогнува. За да може да пречекаме луѓе како вас, ние ќе продолжиме неуморно да работиме заедно со вас и со оние кои сакаат, во изградбата на европска иднина на Македонија и на Балканот.

Академик Старова во својата беседа рече дека ова големо одликување го посветува на неговиот татко, со посебна причина, бидејќи од него наследил, како што рече, еден посебен облик на ,,франкофонија’’ односно ,,пред-франкофонија’’.

– Франкофонијата за мене беше и ќе остане еволутивен процес, наша нужност и еден од најсилните наши мостови кон Европа изградени од одамна. Ние, во Македонија, ги имаме некогашните француски кодови кои не го изгубиле своето значење, но кои треба секогаш одново и одново да се откриваат и активираат. Мојата трета мисла ја упатувам кон верното француско пријателство коешто ми помогна да ја разберам комплексноста на животот или како подобро да се каже и да се разбере животот и начинот на живеење, рече Старова искажувајќи при тоа непроценлив долг кон некои верни пријатели, француски писатели и мислители, како Едгар Морен, Ив Бонфоа, Андре Френо, Робер Бадентер, Робер Мале, Анри Мешоник, Ежен Гилвик, информираа од Амбасадата.

Националниот Ред на Легијата на честа го воспоставил Наполеон Бонапарта во 1802 година. Ова одликување се доделува за заслуга на личности кои имале исклучителен придонес за промоцијата на Франција и на вредностите што таа ги застапува и претставува во светот.