Новинари од европски медиуми во посета на АВМУ

Од:

Новинари од неколку европски медиуми денеска беа во посета на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги каде се запознаа со работењето на ова регулаторно тело, а посебно со начинот на вршење мониторинг.

Како што соопшти АВМУ, на средбата биле посочени надлежностите на Агенцијата, како и активностите кои регулаторот ги презема во однос на медиумската писменост, обезбедувањето на достапност до медиумите за лицата со сетилна попреченост, третманот на родовите прашања, правото на одговор и исправка, како и професионалните стандарди во медиумите.

Новинарите имале можност да се запознаат и со карактеристиките на новиот систем за мониторинг на медиумските содржини – FROPS, набавен со финансиска поддршка од ЕУ преку проектот ИПА 2011. За разлика од претходно, со помош на овој систем, во седиштето на Агенцијата се примаат сигналите на сите домашни радиодифузери и оператори на јавни електронски комуникациски мрежи.

Меѓу новинарите имало претставници од радијата Deutsche Welle – Германија, Rai3, Radio Popolare – Италија и National Spanish radio – Шпанија, печатените медиуми Wiener Zеitung – Австрија, La Libre – Белгија, Trud – Бугарија, Hospodarske Noviny – Чешка, Luxemburger Wort – Луксембург, Evenimentul Zilei – Романија, Altinget – Шведска, Groene Amsterdammer – Холандија, The Gardian – Велика Британија, телевизијата ORF од Австрија и новинската агенција Athens news agency од Грција.