Двесте членови на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид на распит во СЈО

Од:

Околу 200 функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид се повикани на информативен разговор во Специјалното јавно обвинителство, во врска со истрагата што се води за финансирање на изборната кампања на партијата во претходните циклуси на избори. Информацијата ја потврди за OhridNews и претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов, кому исто така му стигнала покана за распит на домашна адреса.

„Да точно е. Околу 200 членови на нашата партија се повикани на разговор во СЈО. Не знаеме од која причина. Немаме комуникација со СЈО, но изненадени сме од ова што се случува“ изјави во телефонски разговор актуелниот пратеник и претседател на огранокот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Арнаудов.

Според Арнаудов ќе заседава општинскиот комитет на партијата кој ќе заземе став во врска со последните случувања поврзани со активностите на СЈО во Охрид, за што јавноста ќе биде известена во текот на утрешниот ден.

Разговорите со функционерите и членови на ВМРО ДПМНЕ, меѓу кои има актуелни и поранешни директори на државни институции и служби, здравствени организации, јавни претпријатија и истакнати членови на партијата, тим од истражители на СЈО ги води во Охрид.