Советување за потрошувачкото право согледано преку законската рамка во Македонија

Од:

Советување за потрошувачкото право согледано преку Законот за заштита на потрошувачите и поврзаноста со дурги закони, денеска одржа Академијата на судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ).

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, рече дека потрошувачкото право е многу актуелно прашање особено во рамките на Европската Унија.

– Следејќи ги актуелностите во правото Академијата вложува напори да реализира обуки кои од година во година ќе бидат сè подобри и кои ќе ги опфаќаат најзначајните прашања од практиката, изјави Арнаудовска.

Според Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи на Македонија во сите сегашни закони од безбедност на храна и производи, до Законот за електронски комуникации, правото на информираност на потрошувачот е едно од основните и на потрошувачите мора да им се дадат навремени и веродостојни информации со кои тие ќе направат правилна одлука за купување производ или услуги.

– Со тоа се штити потрошувачот како физичко лице. Втроиот аспект е самите потрошувачи да го искористат своето знаење. Сите потрошувачи се на некој начин ранливи во одредени области и не може се да знаеме за производите и услугите. Затоа е потребно да се даваат максимум информации и тоа да биде на јазикот кој е разбирлив на потрошувачите, рече Лончар Велкова.

Посочи дека недостасува правна регулатива за нечесно и заведувачко рекламирање и трансформирање со цел самиот бизнис сектор преку јакнење на конкуренцијата да си ги уреди своите односи, што ќе резултира со помал притисок на потрошувачите.

– Потрошувачите своите права треба да ги знаат. Сега имаме се поголемо право на избор, но не значи дека сме позаштитени. Секој треба внимателно да гледа што има на пазарот, дали да го купи и ако нешто не му изгледа безбедно треба да реагира. Нашето незнаење никој не може да го оправда и ние самите можеме и мораме да се информираме самостојно, од производителот и компаративно меѓу повеќе производи и услуги, изјави Лончар Велкова.

На советувањето „Потрошувачкото право согледано преку Законот за заштита на потрошувачите и поврзаноста со дурги закони“ присуствуваа повеќе судии и советници од граѓански оддели од апелациски подрачја, преставници на Адвокатската комора на Македонија, претставници на Министерството за правда и претставници од релевантни институции кои работат на заштита на правата на потрошувачите.

Предизвиците на имплементација на решенијата од европското потрошувачко право во домашното законодавство, моделите на правна заштита од нечесни клаузули во потрошувачките договори во европското и домашно право, како и првото на потрошувачот да биде информиран и нечесното пазарно однесување во Законот за заштита на потрошувачите во Македонија, се само дел од темите опфатени со советувањето.