Фестивалот на вицот и шегата „Дедо цепе бурина“ синоќа по осми пат се одржа на отворено во Кавадарци. Директорот на Домот на културата „Иван Мазов Климе”, Владимир Темков го изрази своето задоволство што за прв пат оваа година заврна и снег па фестивалот, како што рече, доби дополнителна убавина и зимска идила.
– Во очи на паганскиот празник Коледе кој традиционално се одбележува секоја година во Кавадарци со палење на коледарскиот огин, локалната самоуправа и културниот дом уште пред осум години одлучија да се приклучат кон одбележувањето на празникот на малку покултурен начин. Така настана и овој фестивал на вицот и шегата чиј наслов е симболичен. Во основата на овој фестивал е и добрата музика, како и презентација на извонредните пијалаци кои се произведуваат во Тиквешијата, појасни Темков во изјава за медиумите.
Нагласи дека коледарскиот огин е само симболика и дека ги почитуваат препораките да не се горат пластика, гума, најлон и слично, со цел да не се загадува околината.
Седум учесници се претставија годинава на фестивалот, кои се натпреваруваа во најдобро кажување шеги поврзани со коледарството и паганството. Најдорите добија парични награди и дрвени коледашки, а титулата најшегаџија ја понесе актерот Александар Малинков.
– Кавадарчани ја сакаат оваа традиција, а и фестивалот кој од година во година, исто така, станува традиционален. Ова е првиот настан од полето на културата оваа година во Кавадарци. Со ова и официјално започнува програмата на Домот на културата, која неодамна беше усвоена од Советот на општина Кавадарци, рече Темков.
Тој информираше дека за 10 јануари е закажан традиционален Божикен концерт, кој вообичаено се организира заедно со Основното музичко и балетско училиште „Лазо Мицев Рале”.