Министерот за здравство Никола Тодоров очекува евалуацијата на вчера завршениот тендер за новиот клинички центар во Скопје да трае пократко од предвидените 90 дена и наскоро да започне неговата изградба.
– Очекувам и се надевам целата евалуација да се одвива согласно протоколите кои се пропишани од банката и да заврши побрзо од предвидениот рок од 90 дена. Има три понуди на три конзорциуми составени од поголем број компании, практично сите тие имаа подигнато тендерската документација и потоа си имаат веројатно и здружено и има доставено заеднички понуди. Од досегашната евалуација која се уште не е завршена и ќе трае петнаесеттина дена може да се заклучи дека најмалку една понуда на најмалку еден конзорциум целосно се совпаѓа со предвидениот буџет на Министерството за здравство и на Владата, рече Тодоров одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Поликлиниката Ченто.
Тој нагласи дека очекува евалуацијата да заврши и наскоро да почне реализацијата на, како што рече, најголемиот и најсложениот проект во историјата на македонското здравство.
– Станува збор најсовремен клинички центар којшто сериозно ќе го подигне нивото на македонското здравство но и ќе постави сериозно повисоки стандарди не само во Македонија, туку и во целиот регион, потенцира Тодоров.