Членови на гранските синдикати УПОЗ, СИЕР, СУТКОЗ и АГРО, кои избраа ново раководство на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), денеска се собраа во холот на зградата на ССМ, со цел, како што изјавија, да спречат, според нив, разрешениот претседател на ССМ Живко Митревски да ги исели од зградата.
На собирот упатија апел до Централниот регистар да ги впише промените во раководството на ССМ што тие ги изгласале на 13 ноември лани, а кои, како што велат, се потврдени со решение од Министерството за труд и социјална политика.
– Разрешениот претседател Живко Митревски изутринава на огласната табла на ССМ објави одлуки со кои четирите синдикати со одлука на седница од 28.12.2016 не отповикува од членството на ССМ, а воедно со ангажирање камион, општи работници и магацински простор сака да не исели од зграда на ССМ. Ние тоа не го дозволивме, го известивме челснтво и се собравме спонтано за да го одбраниме синдикатот, нашите работни места и да може членството да опстојува, рече на прес-конференција в.д.претседателот на ССМ Дарко Димовски.
Пеце Грујоски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, рече дека „Митревски веќе месец и половина ја злоупотребува неговата поранешна позиција од која бил разрешен на 13 ноември од членовите на Советот на ССМ, а Централниот регистар ја закочил постапката за издавање на решението за промена“.
– Централниот регистар не може да ја кочи работата. Ќе имаме проблеми само можеби со банките меѓутоа Дарко Димовски е претседател на ССМ и така и ќе се однесуваме. Сојузот ќе работи и оставаме на совеста на Централниот регистар, рече Грујоски.