Композиторот и гитарист со светска кариера Владимир Василевски-Четкар ќе биде прв македонски музичар кој на 3 март 2017 ќе настапи на престижниот Џава џез-фестивал во Џакарта, Индонезија, каде на една од главните сцени ќе се претстави со своја авторска музика.
Се работи за најголемиот џез-фестивал на јужната хемисфера и меѓу најпознатите во светот, каде што редовно настапуваат популарни музички имиња како Стинг, Џорџ Бенсон, Стиви Вондер, Херби Хенкок, Џон Леџенд, Шака Кан, Џејми Кулум, Пети Оустин, Карлос Сантана, Ентони Брекстон, Кул енд д Генг, Чик Кореа, Инкогнито, Мецофорте, Ли Ритенор, Ди Ди Бриџвотер…
Македонскиот џез, соул и фанк музичар неодамна се врати во Македонија од турнејата во Малезија, Камбоџа и Индија каде настапи на тамошните најзначајни џез-фестивали и доби одлични критики во националните медиуми во Југоисточна Азија и Индија. Неговиот концерт во Мумбај беше најавен и во најпродаваниот дневен магазин на англиски јазик во светот „Тајмс оф Индија“.