По повод 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје.
– Бев воодушевена од програмата што ја изведоа децата и од сето она што можев да го видам, од големиот талент кој постои кај многу од децата. Во нив гледам големи таленти, музичари кои можат и активно да се вклучат во нашите институции од областа на културата, изјави Канческа-Милевска.
Таа најави дека ќе иницираат Меморандум за соработка со надлежните институции, театрите, МОБ, Филхармонија, „Танец“, со што ќе се овозможи активно вклучување на децата во овие институции, дообразување и во иднина нивно вработување во овие установи.
Градоначалникот на општина Кисела Вода Марјан Ѓорчев рече дека за нив претставува одговорност што двете специјални училишта „Димитар Влахов“ и „Златан Сремац“ се наоѓаат на нивна територија.
– Правиме се што е во наша надлежност. Го цениме трудот на наставничките колегиуми од овие две училишта. Веруваме во овие деца, во нивната иднина и ќе направиме се што можеме за да ги вклучиме во општеството. Се грижиме за нивниот развој, додаде Ѓорчев.
Горанчо Јакимов, директор на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје изјави дека од Владата, Министерството за култура и општина Кисела Вода добиваат поддршка и грижа за лицата со хендикеп, и воопшто за училиштето.
Во оваа установа функционираат основно, средно училиште и основно музичко училиште. Децата се на возраст од 6 до 18 години, кога завршуваат чеврт степен во здравствена струка. Во моментов во училиштето учат 56 ученици.
На учениците од ова училиште Канческа-Милевска им подари примероци од каталогот на Музејот на македонската борба за државност и самостојност отпечатен со Брајово писмо, книги, боенки, ЦД и ДВД од фестивалот „Златно славејче“.
Канческа-Милевска и децата од Посебното основно училиште „Златан Сремац“ денеска го посетија Театарот за деца и младинци и ја погледнаа театарската претстава „Алиса во земјата на чудата“ од Васил Пујовски. Претставата ја погледнаа 120 деца.
Министерката за култа апелираше што е можно повеќе да се користат националните институции од областа на културата и децата да бидат поприсутни на театарските претстави.
Директорот Драган Довлев рече дека од Детската недела во октомври до денеска Театарот за деца и младинци има изиграно четири хуманитарни претстави, за разни групи на деца. За овие два ипол месеци Театарот има изиграно една претстава за децата од СОС Детско село и една претстава за децата од социјално загрозените семејства.
– Ова е втора претстава што ја играме за овие деца. Тие претходно ја гледаа „Цветната улица“, рече Довлев.
Тој информира дека имаат идеја да изиграат претстава за децата кои просат на улица, а се чести гости на Центарот за згрижување на такви деца.
Според него, годинава ќе изиграат близу 200 претстави и додаде оти четири или пет претстави може да играат хуманитарно.
Канческа-Милевска на децата од Посебното основно училиште „Златан Сремац“ им подари мали сувенири со ликот на Мајка Тереза.