Дебар и албанскиот пограничен град Пешкопеја ќе ја прошируваат соработката и во заедничка реализација на меѓугранични проекти, во интерес на жителите од двете страни на границата. Ова е договорено при посетата на делегација на општина Дебар, предводена од градоначалникот Ружди Љата во албанскиот пограничен град.
Како што информираат од Кабинетот на Љата, на срдечната средба со неговиот домаќин, градоначалникот на Пешкопеја Мухарем Рама, најпрво му била честитана победата на делумните локални избори, по што градоначалниците ја оцениле како успешна и досегашната соработка меѓу двете општини.
– Двајцата соговорници искажаа заеднички став дека соработката треба да се прошири во сите области од животот, бидејќи постојат можности за тоа, а беше договорено заедно да се аплицира за меѓугранични проекти, поддржани од ИПА-програмите на Европската унија, соопшти Општина Дебар.
Општината наведува дека на средбата станало збор за многу прашања како и за потребата од интензивирање на соработката меѓу локалната администрација, институциите од културата, граѓанското општество, бизнисот и било посочено дела границата не треба да биде пречка локалните власти да придонесат соседните земји да се интегрираат во ЕУ.