Претседателот Ѓорге Иванов по повод еврејскиот празник Ханука денеска упати честитка до Берта Романо Николиќ, претседател на Еврејската заедница на Република Македонија, како и до сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија.
– Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви го честитам претстојниот празник Ханука. Ханука е празник кој ја слави победата на Макабејците над грчко-асирската војска, но тој го слави и триумфот над темнината и над злото, победата врз тиранијата и страдањата низ кои поминал еврејскиот народ. Следните осум дена, во кругот на фамилијата, палејќи ги свеќите на менората ќе се празнува слободата, заедницата и историјата. Славејќи го споменот на празникот на светлината го негувате наследството на Вашите предци, но и традицијата и вредностите за еднаквост и за слобода, се вели во честитката од Иванов.
Македонскиот претседател во деновите кои следат на сите припадници на Еврејската заедница им посакува празникот да го минат во весела семејна атмосфера.