Демант од Стоматолошката клиника: Ние сме врвна високопрофесионална стоматолошка институција

Од:

Во врска со објавениот текст, Универзитетскиот Стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон” – Скопје го дава следното известување:

Објавениот текст претставува апсолутна и груба лага и невистина. Истиот има цел да се наруши имиџот на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар Св. Пантелејмон, да се влијае на влошување на меѓучовечките односи, како и да се повреди личниот дигнитет и професионализам на менаџментот. За изнесените лични клевети и дисквалификации на менаџментот ќе следат соодветни пријави до надлежните институции за лични клевета и нарушување на личниот дигнитет и професионалното портофило.

Имено, во текот на 2016 година редовно се спроведувани сите законски пропишани контроли на инфраструктурата и општите услови за работа. Притоа се добиени извештаи дека се исполнуваат сите услови за безбедност на пациентите и вработените.

Оваа година, финансиската состојба на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар е една од најстабилните и најдобрите, споредено со неколку години претходно. Очекувањата и проекциите велат дека наредната 2017 година ќе биде со значителен раст и напредок.

objekt

Во однос на кадарот и човечките ресури, сакаме да потенцираме за јавноста дека здравствените работници претставуваат докажани и меѓународно признати професионалци. Доказ за ова се големиот број на покани кои стигнуваат до нашите вработени за учество на меѓународни когреси, конференции и слично.

Исто така, голем број од вработените се праќаат на стручни едукации и усовршување во меѓунардно признати стоматолошки и едукативни центри. На нашиот клинички центар владее и професионална и меѓучовечка соработка, независно од национална, религиозна и етничката припадност што придонесува нашите ценети пациенти да бидат задоволни од целосниот третман и здравствената услуга која им е пружена.

Што се однесува до инфраструктурните прашања, Ве информираме дека во тек е санација и замена на сите грејни тела во Универзитетскиот стоматолошки клинички центар. До крајот на оваа седмица сите грејни тела ќе бидат заменети, поправени или пак потврдена нивната соодветна функционална состојба. Исто така, до крајот на оваа година или пак најдоцна на почетокот на следната година ќе се започне со целосна санација и реновирање на сите санитарни јазли и тоалети за што е во тек постапка за избор на најповолен понудувач.

Исто така, завршија и два многу значајни тендерски постапки. Конкретно, првиот се однесува на изработка на основен проект – елаборат за реконструкција и санација на целиот објект на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар Св.Пантелејмон-Скопје. Вториот се однесува на избор на фирма за ревизија на основниот проект- елаборат за реконструкција и санација. По изработката на соодветната документација, ќе се распише и тендер за избор на изведувач на проектираните работи. Очекуваме во текот на 2017 да почне реализацијата на овој голем проект, кој ќе придонесе Универзитетскиот стоматолошки клинички центар да биде рамо до рамо со многу модерни и современи реномирани стоматолошки клинички центри, болници и слично. Зафатите кои се предвидуваат со овој проект предвидуваат преместување на локацијата на лифтот и целосна реконстукција на тој дел од клиничкиот центар, санација и прочистување на покривот и надворешните одводни инсталации, комплетна замена на целокупната водоводна и електрична инсталација, промена на надворешната фасада на зградата, промена на надворешните прозорци, внатрешно белење на џидовите и уште многу други локални интервенции.

Во однос на медицинската и стоматолошката опрема, Ве информираме дека оваа година, во соработка со Министерство за Здравство набавивме нов анестезиолошки апарат кој е ставен во редовна употреба. Дополнително, набавивме пет нови високо модерни и софистицирани стоматолошки столици. Понатаму, заврши тендерот за набавка на делови со кои се сервисирани комплетно сите стоматолошки столови. Во овој момент сите стоматолошки столови функционираат непречено со сите нивни стоматолошки функционалности. На почетокот на оваа година, извршиме сервисирање на компресорските станици. Потоа, на влезниот вентил на вода во нашиот клинички центар, поставена е филтерска станица која заштитува и ја филтрира водата која циркулира низ стоматолошките столици со што се сведени на минимум дефектите предизивикани од надворешни влијанија.Оваа година е извршено и сервисирање на високо софистицираниот CAD CAM апарат. Исто така сервисиран е и ласер апаратот.

Сакаме да потенцираме дека Универзитетскиот стоматолошки клинички центар “Св.Пантелејмон”-Скопје е снабден со сите потребни стоматолошки потрошни материјали, кои се набавуваат со спроведување јавни повици-тендери. Во техничките спецификации стручните лица ги наведуваат параматрите и критериумите кои е потребно да ги задоволат понудите материјали. На тој начин се набавуваат материјали со соодветен квалитет потребен за давање на најквалитетни стоматолошки услуги.

Ја информираме јавноста дека Универзитетскиот стоматолошки клинички центар “Св.Пантелејмон”-Скопје претставува врвна високопрофесионална стоматолошка институција од областа на терцијарната здравствена заштита, каде се извршуваат стоматолошки интервенции од наједноставен карактер па се до најсложени и интервенции од мултидисциплинарен карактер. Нашата цел е да продолжиме со овозможување на стоматолошки услуги со највисок квалитет односно секој пациент кој влезе во Универзитетскиот стоматолошки клинички центар “Св. Пантелејмон”-Скопје да излезе задоволен и со убава насмевка.