Овие избори се за консолидација на институциите, за владеење на правото, за либерализација на економијата и општествените односи, за олабавување на граѓаните, а не за устави, јазици и федерализации, порача денеска од Кочани претседателот на Либералната партија и носител на листата во ИЕ1 Ивон Величковски.
На средба со граѓани, Величковски ја промовира и партиската предизборна програма. Го образложи и проектот „Солидарен концепт“ со кој, како што рече, 28.000 граѓани ќе се ослободат од банкарското заложништво по основ на долгови од кредитни картички.
– Мора да ги олабавиме економските односи и банките да бидат во поддршка на бизнисот, а не во поддршка на државниот буџет. И банките ќе ги ослободиме од проблемот да чуваат пари кои немаат пласман и всушност да влегуваат во спиралата повторно и повторно само да купуваат државни записи… Мора да ги пуштиме процесите да олабават, мора да се либерализираме, истакна Величковски.
Најави поефтина струја и укинување на целосната забрана за пушење во угостителските објекти,…, а се осврна и на кампањата со констатација дека веќе не ја водат само големите партии.
Со Величковски во Кочани беа и кандидатите за пратеници Елизабета Манова, како и носителот на листата во ИЕ3 Данчо Марковски.