Жерновски: Се гледаме пред Влада!

Од:

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски вели дека заедно со семејството пред Влада во 18 часот за оваа земја и за овој народ.

Да, пред онаа зграда која доби нова барокна фасада, зашто и’ требаше лажното лице на нејзините сегашни станари. Да, токму сега, бидејќи таа иста зграда пред која поминавме многу денови и часови, сега не’ чека на најважната средба.

Не треба да им се даде стара шанса за прв впечаток на оние кои бараат 63 пратеници, а не заслужуваат ниту еден. Нив ги чека малата врата на историјата, низ која треба на големо да заминат. Тие одамна ја прокоцкаа шансата, бидејќи осиромашија еден добар народ за да можат да го покорат и владеат, претворајќи го во свој клиент, втерувајќи му страв во коски. Страв, не од смрт, туку од живот!

Се гледаме пред Влада, зашто веќе на памет ги знаеме бројките на украдените пари, на иселените луѓе, на уценетите луѓе, на прислушуваните и следените, на болните без нега, на здравите без утре, на градовите без воздух, на младите без иднина, на опљачканите, на гладните, на луѓето без надеж.

Излегувам во 18.00 часот за своето семејство, за оваа земја и за овој народ. Не сакам да се преправам дека не знам кој е крадецот на нашите пари, на нашиот живот, на нашата сегашност и на иднината на нашите деца. Нема да се кријам пред насилникот, да се плашам од утре, да барам друго место за живот.

Денес сум пред Влада за себе и за сите нас. За слобода!

Денес сум таму, не како член на партија, како функционер, како политичар- туку како човек.

Се гледаме пред големата врата која ни се отвора. Влезната врата во нов ден.
За 11 декември.
За новиот почеток.