Шеесет и едно пакетче со тревкаста материја, најверојатно наркотична дрога марихуана, со тежина од околу 30 килограми, пронајдени се синоќа во 21 часот и 30 минути на граничниот премин „Долно Блаце“, при контрола на автомобил „крајслер“ со шведски регистарски ознаки.
Автомобилот, како што соопшти денеска МВР, бил управуван од лицето Т.Б.Л.А. (53) од Кралството Шведска и детално прегледан од страна на Царинската испостава Блаце и екипа на Мобилната царина. При деталната контрола, пакетчињата се најдени во посебно направен бункер во патосот на возилото завиткани со селотејп и алуминиумска фолија.
Од страна на Царинската управа странскиот државјанин е задржан за натамошна постапка.
