„Концентрациона влада по изборите е вовед во нова нестабилност, ќе падне на првиот недоговорен тендер. Се бориме за централно-лева влада, а одиме самостојно за никој да не ни „подарува“ нешто, туку да ги застапуваме своите политики и гласачи“
Една од основните политики, пристапи, интереси на Либералната партија е да се промени власта. Затоа што злоупотребата на институциите покажува дека власта се амбицирала да ги преземе институциите, тие да бидат партиски и да бидат посилен систем од државниот. Но, доаѓаме и до вториот дел – како тоа да го спречиме натаму да се случува. Според нас, победувајќи ги партиите на власта и гарантирајќи дека со нив нема коалицирање после изборите – рече претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски, на средбата со струмичани синоќа, на која се обратија и кандидатот за пратеник од Струмица во ИЕ4, Никола Бошнаков и Душан Королија од Општинската организација на ЛП во Струмица.
Во продолжение, пренесуваме дел од неговото обраќање пред струмичани:
– Зошто настапуваме вака, зошто не ги криеме нашите ставови, иако можело да ни биде многу полесно ако бидеме со некого? Внимавајте, ова го кажувам во Струмица, каде што имате многу „интересен“ судир на две силни структури – најсилните политички структури во политичкиот живот во Македонија – локалната самоуправа е на левицата, а на десницата, народните партии и припаѓа централната власт. Овде во Струмица практично го доживувате судирот на две политички матрици кој практично 25 години се случува во Македонија и кој судар ја предизвика и претходната, и оваа, а ќе ги предизвикува и следните кризи доколку не застанеме тука.
Што тоа значи? Сите вие што сте тука, може да размислите за тоа дали вреди да продолжите да ги давате гласовите за оние кои генерираат кризи или за оние кои де факто се спремни да ги решаваат кризите? Притоа, нема што да се лажеме: Кога некој ќе рече „А бе Либералната партија е мала партија“ нема што да се срамиме или да велиме „не, не е така“. Да, помали сме од другите. Да сме биле поголеми, ќе сме имале повеќе пратеници, повеќе влијание, учество во власт и сл. Зошто сме мала структура во овој момент, а сме биле поголема и пак ќе бидеме поголема – тоа треба да си го одговориме самите. Сме си ја презеле одговорноста за грешките, и, за волја на вистината, сме се решиле да останеме на принципите на кои денес стоиме.
Величковски потсети и на причините за самостојниот настап на Либералната партија:
– Одговорни сме во градењето на своите политики. Не сакаме некој друг да ни ја одработува работата. Затоа сакавме самостојно да настапиме на изборите, и да не ни рече некој утре дека нешто ни „подариле“ или дека сме „земале нешто што не ни припаѓа“. Сакавме чист резултат, и чист исход. Исто како што сакаме јасен епилог и резултат и од сето она што значи во моментот покренати судски спорови за некои што ги злоупотребувале своите позиции за генерирање пари, моќ за сопствената партија. Тоа се однесува на партиите на власт до сега.
Дали е тешко? Пак ќе кажам – да. Се разликуваме и од левичарските партии во една работа особено, во оданочувањето, затоа што ние сметаме дека рамниот данок не е проблем во Македонија. Не е проблем прибирањето на парите туку трошењето и за што се трошат. Затоа што буџетот е само збир на средства од граѓаните за граѓаните и тоа не се трошоци, туку инвестиции. Со буџетот инвестирате во инфраструктура, образование, здравство, но овде се доживува дека сите лицитираат со нешто.
Величковски се задржа и на економските политики на Либералната партија:
– Е, да ви кажам – ние не лицитираме ниту со минимална плата, ниту со просечна плата… сакате договорот со работниците да го постигнете вие – работодавачите и синдикатите, а државата да биде оној столб што го овозможува социјалниот дијалог и го гарантира неговото спроведување. Дали сум во право? …Е ако сум, да продолжиме со следната теза. Во Македонија, 70% од вработените се во микро, мали и средни компании. Затоа, мора особено внимание да посветиме на претприемачите и претприемништвото, затоа што без тоа, нема пари. А без пари, нема правда, а без правда, нема мир.
Затоа зборуваме за овие теми, но зборуваме и за некои многу потешки. Да речеме, за неопходните трансформации и во пензискиот и во здравствениот систем. Ајде да кажеме, може да ви звучи сулудо, но ние сакаме пензионирање на 63 години, затоа што ни е потребен систем во кој ќе се овозможи просторот и младите да влезат на пазарот на труд, и во исто време да го зголемиме овој негативен сооднос во моментот 1,7 вработени да работат за 1 пензионер.
Не може да го средиме здравството ако нема пари. Ние се залагаме за втор здравствен столб, исто по принципот на пензискиот, затоа што за нас е битно како да осигураме услугата во јавното здравство да биде општо достапна, но и услугата во јавното или приватното здравство, по избор на осигуреникот да биде адекватна на неговата инвестиција.
. Еве, ви најавуваме ревизија и на издадените фалц-дипломи кои всушност се само пуштени за луѓе да се вработуваат во администрација. Знам дека ги допирам темите што ги зборувате сите, затоа што до овие теми сме дошле врз основа на барање ставови од луѓе во разговор како сега со вас.
И, притоа, многу е значајно – нашата цел е помал државен буџет. Ако ја одржиме рамната даночна стапка, ако овозможиме на тој начин особено средниот слој да ги зголемува платите, а не зголемувањето на платите да доаѓа само врз основа на зголемувањето на просечната плата во администрацијата, тогаш ќе дојдеме до вистински успеси. Тогаш претприемачот, приватникот, ќе има поголема плата и неговиот вработен ќе има поголема плата. А не само главната „тепачка“ да биде кој ќе се бутне да работи во не знам кое министерство и општина и јавно претпријатие.
Интегрален текст на обраќањето на Ивон Величковски, претседател на Либералната партија:
Една од основните политики, пристапи, интереси на Либералната партија е да се промени власта. Затоа што злоупотребата на институциите покажува дека власта се амбицирала да ги преземе институциите, тие да бидат партиски и да бидат посилен систем од државниот. Но, доаѓаме и до вториот дел – како тоа да го спречиме натаму да се случува. Според нас, победувајќи ги партиите на власта и гарантирајќи дека со нив нема коалицирање после изборите.
Во овој момент, за чудо или за жал, како сакате, Либералната партија е единствената партија што тоа го кажува. Зошто – не знам, ама се поизвесно станува дека има причина, односно, се поочигледно гледаме дека по тој договор тие всушност би сакале оваа криза да се трансформира во идна концентрациона влада или широка коалиција, во која всушност сите партии би сакале да учествуваат. Либералната партија нема за цел да се „протне“ во власта. Нашата цел е нешто друго – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ надвор од власта, нова власт со нови партии. За нас идеално е центристичко-левите да создадат мнозинство.
Вечерва сме собрани ваков тип на луѓе затоа што тераме ваков тип на политика, затоа што на сите нас ни треба една стабилна држава, стабилна општина, стабилен град, и ни треба консолидирано општество и институции. Сите знаеме дека ни треба добар животен стандард, а добар животен стандард не може да има ако немаме економија, ниту квалитетот на живеење може да биде добар, ако стандардот што го имаме не можеме да го практикуваме таму каде што сме родени, каде живееме и сл.
Зошто настапуваме вака како што настапуваме, зошто не ги криеме нашите ставови, иако можело да ни биде многу полесно ако бидеме со некого? Ова го кажувам во Струмица, каде што имате многу „интересен“ судир на две силни структури – најсилните политички структури во политичкиот живот во Македонија – локалната самоуправа е на левицата, а на десницата, народните партии и припаѓа централната власт. Овде во Струмица практично го доживувате судирот на две политички матрици кој практично 25 години се случува во Македонија и кој судар трае ја предизвика и претходната, и оваа, а ќе ги предизвикува и следните кризи доколку не застанеме тука.
