Владата на денешната седница донесе одлука за обезбедување дополнителни 3 милиони евра за субвенции за откуп на грозје која ќе се спроведе веднаш по формирање на новата влада, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг во Кавадарци.
– Веднаш по формирањето, новата Влада ќе даде нови субвенции за лозарите и тоа оние кои што имаат до 0,5 хектари дополнително ќе добијат 20.000 денари, од 0,5 до 1 хектар дополнителни 15.000 денари, а за оние од 1-5 хектари дополнителни 10.000 денари, истакна Груевски.
Оваа одлука, како што појасни, е како резултат на потешкотиите со кои се соочуваат лозарите.
– Со овие дополнителни 3 милини евра или 180 милиони денари и заедно со претходните кои се основна субвенција за лозарите ќе бидат достапни вкупно 460 милиони денари субвенции за оваа намена, рече Груевски.
Нагласи дека нудат реална програма и проверен концепт на изградба, проекти и решавање на проблеми со конкретни рокови за реализација
– И не случајно обезбедивме милијарда и 55 милиони евра за македонските земјоделци во овие 10 години. Се чуствува тоа и во Кавадарци и во Неготино и во целата Тиквешија. Обезбедивме субвенции повисоки од било кога за лозарите, за овоштарите, за тутунопроизводителите, за производителите на млеко, месо, за градинарските култури, за производителите на ориз, за пчеларите. Ги легализиравме лозовите насади, дадовме под закуп околу 62 илјади хектари државно земјоделско земјиште, го намаливме ДДВ-то од 18 на 5 отсто на сточната храна, овозможивме набавка на земјоделска механизација по принцип 50-50. Ја намаливме стапката на невработеност на 24 отсто, отворивме над 160.000 нови работни места, рече Груевски.
Тој додаде дека странските директни инвестиции достигнаа 2,6 милијарди евра, а капиталните инвестиции 32 отсто од БДП.
– Макроекономските параметри се стабилни, буџетот за образование зголемен за 72 отсто, бесплатно средно образование, бесплатни учебници, бесплатен превоз за студентите, обезбедивме здравствено осигурување за сите граѓани, ги намаливме цените на над 4.700 лекови. Воведовме минимална плата и ја зголемивме, социјалната помош ја зголемивме за 70 отсто, минималната пензија се зголеми за 90 отсто, рече Груевски.
Порача дека гласањето за СДСМ е глас за насилство, безредие, деструкција и продолжување на кризата, за виткање на кичмата на државата, за нејзино редефинирање.
– Совршено е јасно дека нивната борба за власт е борба за да продолжи Заев да го прави со Македонија она што сега го прави со Струмица, лаги, интриги, афери, промашени и лажни ветувања, уцени, рече Груевски.
Најави повеќе проекти за Кавадарци и Тиквештијата: целосна реконструкција на регионалниот пат Неготино-Кавадарци во вредност од милион евра, реконструкција на патот Росоман-Кавадарци во износ од 600.000 евра, реконструкција на локални патишта од Сопот до Рибанци во должина од 5 км и 200 метри, како и патот од Горна и Долна Бошава во должина од 900 метри. Предвидена и набавка на нова опрема за болницата во Кавадарци, како и набавка на нов апарат за томографија кој ќе опслужува 500-на пациенти во овој регион. Вкупно ќе се набават 58 нови апарати во вредност од 860.000 евра.
– Ќе се градат спортски сали во две основни училишта, како и магистрален гасовод во Неготино-Кавадарци-Битола. Детска градинка во Кавадарци кој ќе се изгради во 2017 година и ќе има капацитет за 200 деца, рече Груевски.
Планирана е и реконструкција на два ката во ученичкиот дом Крсте П. Мисироков, изградба на повеќенаменско игралиште, како и три игралишта за баскет и нов скејт парк. Планирана е и реконструкција на основното училиште во Мралино. Груевски најави и нов мост кај Ваташа, на местото каде што бил стариот, проект вредени 300.000 евра, како и доградба на кејот на реката Луда Мара и голем број други проекти.
– На овие избори секој носи многу важна одлука. Прво, ова е одлука за тебе. За секој од вас. За тоа кој ке ти овозможи подобар живот на тебе и на твоето семејство. Кој има подобра програма со конкретни мерки, програма која е реална, и нуди решенија на твоите секојдневни проблеми и за која знаете дека со сигурност ќе ја реализира. И второ, овие избори се и еден вид на друга одлука. Одлука за Македонија. За Македонија која не потклекнува пред уцени и не потклекнува на сценарија кои и ги изготвиле некои, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на митингот во Кавадарци.
